ИДЕАЛЕН ТИМ НА ВТОРОТО КОЛО ВО МАШКАТА СУПЕРЛИГА

По одличните натпревари во првото коло, возбудувањата не изостанаа ниту во второто коло од машката Суперлига. Дербито меѓу Еурофарм Работник и Охрид заврши нерешено, иако и двете екипи имаа шанса да дојдат до полн плен, додека Радовиш се намачи на гостувањето кај Вардар Јуниор да стигне до триумф. Прилеп забележа значајна победа над Пролет, а Пелистер се врати на победничките патеки со одличниот натпревар одиграни против Металург 2

24Ракомет  по завршувањето на секое коло ќе ви го претстават идеалниот тим, во избор на уредниците, новинарите, дописниците и соработниците, а заедно со Вас ќе го избираме најкорисниот ракометар на колото…

Резултати, 2 коло:

Вардар Јуниор – Радовиш 19:20
Прилеп – Пролет 29:27
Пелистер – Металург 2 37:21
Еурофарм Работник – Охрид 21:21


ИДЕАЛЕН ТИМ НА ВТОРОТО КОЛО ВО МАШКАТА СУПЕРЛИГА:

ГОЛМАН: Славјан Паунов (Радовиш)

Ненаметливиот голман, кој многупати бил клучен играч и му донел многу бодови на неговиот тим, голман кој доколку бранеше во некоја од водечките екипи во Суперлигата, ќе беше повеќе медиумски експониран, беше клучната фигура во Радовиш и на гостувањето кај Вардар Јуниор. Го одбрани последниот домашен напад за реми и заслужено добива место во идеалниот тим, и покрај конкуренцијата и одличните партии на Кизиќ, Трајкоски, Чаневски, Јовановски…

ЛЕВО КРИЛО: Гоце Ојлески (Еурофарм Работник)

Македонскиот репрезентативец по две години играње во странство, се врати во македонскиот шампионат и веднаш ги покажа своите квалитети. Иако неговиот тим не победи во дерби пресметката со Охрид, стружанецот беше еден од најдобрите на теренот, и во одбрана, и во напад, кој го предводеше со 8 голови.

ЛЕВ БЕК: Филип Лазаров (Пелистер)

Левиот бек на репрезентацијата уште на стартот од сезоната ја оправдува довербата на Пелистер и на Алушовски и прикажува одлични партии. Ако претходниот викенд тоа не беше материјализирано, сега тоа се случи, па иако противникот не беше на ниво, сепак Лазаров повторно беше најдобар во својот тим, и заслужено вторпат во две кола е во идеалниот тим.

СРЕДЕН БЕК: Јане Јанчев (Прилеп)

Искусниот организатор на играта во тимот на Ице Соколески беше еден од најзаслужните за победата на Прилеп над составот на Пролет, иако не беше најдобриот стрелец. Јанчев, помогнат од Петкоски и Вешоски, беше творец на пресвртот во второто полувреме и покрај тоа што одлично асистираше, успешно стрелаше 6 пати.

ДЕСЕН БЕК: Михајло Митиќ (Пелистер)

Српскиот интернационалец уште на стартот на сезоната покажа дека ќе биде одлично засилување на екипата од Битола. По добрата партија во првото коло против Радовиш, следуваше уште подобра против Металург 2, која овојпат беше крунисана со победа на неговиот тим. Митиќ беше стрелец на 6 голови.

ДЕСНО КРИЛО: Бобан Блажески (Охрид)

Стружанецот вторпат во серија е најдобар на позицијата десно крило. Блажески имаше добра партија и на гостувањето во Битола кај Еурофарм Работник, иако не беше голгетерески расположен како во првото коло, сепак го одржуваше Охрид во константно водство во финишот, но сепак двата тима мораа да се задоволат со реми.

ПИКЕР: Васко Димитровски (Пелистер)

Искусниот кружен напаѓач е еден од главните играчи во тимот на Алушовски. Можеби на дуелот од првото коло не го покажа тоа што од него се очекуваше, но на пресметката со Металург 2, Димитровски имаше важна улога и во одбраната и во нападот, каде беше стрелец на 4 голови во мрежата на гостинскиот тим.