Игор Котевски за 24 Ракомет: Како ќе поминува времето ќе бидеме сè подобри

Во натпреварот одигран вчера на меморијалниот турнир „Боро Чуркевски“, екипата на Селка го победи нашиот суперлигаш Бутел и обезбеди финале и борба за прво место. Ова беше натпревар во кој Бутел беше во водство цели 25 минути, но потоа го загучи чекорот со тимот од Турција.

Тренерот на екипата на Бутел Скопје, Игор Котевски за 24 Ракомет вели дека е презадоволен од играта на неговите ракометари и се надева дека формата на тимот со текот на времето ќе оди во нагорна линија.

„Презадоволни сме од играњето, желбата и вложениот напор. Формата оди во нагорна линија и мислам дека со текот на времето ќе бидеме сè подобри и подобри. Игравме без двајца клучни играчи кои се повредени, но од играта сум презадоволен“, изјавува за 24 Ракомет тренерот на Бутел.

Екипата на Бутел во пресрет на новата сезона направи и одредени промени во составот. Некоклу играчи си заминаа, но неколку го засилија составот, а како задоволителен фактор новите играчи покажаа солидни партии на овој турнир.

„Задоволен сум со засилувањата, треба уште да се уиграме и ни треба време за тоа, но мислам дека добро се засиливме и засилувањата ќе бидат со текот на времето сè подобри и подобри“, додава за 24 Ракомет тренерот Игор Котевски.

Со вчерашниот пораз екипата на Бутел закажа натпревар во кој ќе се бори за 5. место на турнирот и тоа против екипта на Пелистер во натпревар кој ќе биде увертира за предизвиците кои ги носи домашниот шампионат.

„Екипата на Пелистер е апсолутен фаворит. Резултатот не е битен нека победи подобриот. Сепак играме за 5. место“, заврши тренерот на Бутел во изјавата за 24 Ракомет.

По денешниот натпревар екипата на Бутел добива 13 дена простор за подготовки за почеток на новата сезона во Македонската суперлига, а првиот натпревар екипата на Бутел го игра на 15 септември против Прилеп на домашен терен.

Денешниот дуел против Пелистер тимот на Бутел го има од 15:30 часот и со него се отвора програмата на последниот ден од Меморијалниот турнир „Боро Чурлевски“.