Игор Котевски: Голема е честа да се игра против Пелистер во Битола

Составот на Бутел одигра интересен натпревар вчера против тимот на Пелистер во битката за 5. место загуби со 27:32. На овој дуел шанса добија и ракометарите кои на претходните две средби влегуваа помалку, па тренерот Котевски им даде шанса да почувствуваат како е да се игра на вакви средби.

Одлуката беше поискусните да се зачуваат од несакани повреди откако на претходните средби имаше дел од играчите кои добија удари после кои не можеа да го дадат максимумот.

„Имавме многу повредени играчи од турнирот и едноставно се обидов да ги заштитам од некоја поголема повреда, а овој турнир е ревијален и секој играч треба да добие шанса“, изјави стратегот на бутелци.

И покрај тоа што форсирани беа млади играчи тренерот на Бутел е задоволен од нивната форма против домаќинот Пелистер, а тоа најавува убава иднина за новиот суперлигаш.

„Презадоволен сум од прикажаното. Ова што денес беше видено пред публиката во Битола е иднината на Бутел. Сите имаат по 18-19години и одиграа солидно. Победата на денешниот натпревар не беше толку важна колку што беше важно нашите ’деца’ да сакаат да играат и да гинат на теренот. Сите што играа од почетокот имаат по 19 години освен пивотменот кој има 16 така што сметам дека имаме добра перспектива во составот“.

Со оглед на тоа колку млади играчи поседува Бутел јасен е фактот дека тимот сериозно вложува во својата иднина нешто што и стратегот на Бутел го истакнува.

„Бутел е млада екипа и ние многу внимание насочуваме на работата со младите играчи. Имаме квалитетни деца во кадетските и младинските категории, а ова лето земавме неколку талентирани играчи еден од Велес  и еден од Металург“.

Котески го потенцираше и моментот дека дел од својата кариера мина во Пелистер и дека знае како е да се игра во градот кој живее за ракометот.

„Во животот треба да уживаш во тоа што го работиш, а ние уживавме. Постарите колеги им аплаудираа на помладите и децата се радуваа што играа. Јас сум од Битола и знам што значи да играш ракомет во Битола против Пелистер кој е тим со традиција и нас ни е голема чест што бевме повикани, сакам да им се заблагодарам за таквата чест и се надеваме дека ја оправдавме поканата“, заврши тренерот на Бутел.

На свој терен на крајот на месецов екипата на Бутел ќе има можност да му се реваншира на Пелистер за денешиот пораз, а тоа ќе биде двобој од 3. коло од Супер лигата на Македонија.