„Зебрите“ го освоија германскиот Куп: Кил му покажа на Вардар како треба со Фленсбург (ВИДЕО)

Ракометарите на Кил во финалето на Купот на Германија, со исклучително добра игра го совладаа тимот на Фленсбург (29-23), и по рекорден 10-ти пат го освоија германскиот Куп. Во прекрасна атмосфера пред целосно исполнетата Барклејкард Арена во Хамбург, ракометарите на Фленсбург и Кил силно мотивирани тргнаа по трофејот во германскиот Куп.

Егерт прв го отвори резултатот од 7 метри и донесе почетно водство за Фленсбург. Зебрите не го искористија својот прв напад, па така Фленсбург зголеми на 0-2. Екипата на Кил ги консолидираше своите редови и веќе во 5 минута го израмни резултатот на 3-3. Предводени од Дувњак кој постигна 2 гола во серија и 1 гол на Екберг, го зголемија водството на 6-3. Љубомир Врањеш беше принуден да бара тајм-аут кој вредеше со плод. После советите, играчите на Фленсбург почнаа да соработуваат со Тофт Хансен на линијата, и резултатски се вратија во натпреварот. Ракометарите на Кил имаа константна предност од 1 или 2 гола разлика, Шмид со гол во последната минута намали на – 1 и ги постави конечните 13-12 за Кил по првите 30 минути.

Второто полувреме започна идентично, се играше гол за гол до 38 минута кога Кил поведе со највисоките +3. Како и во првото полувреме Врањеш одново побара тајм-аут, но овој пат неговите совети не вродија со плод, Кил со нова серија од 3 голови во 43 минута ги имаше највисоките +6, 21-15. По 8 минути без постигнат гол, Петар Џорџиќ намали на 5 разлика. Ракометарите на Фленсбург имаа и контра за да постигнат 2 гола во серија, сепак Ландин со прекрасна интервенција го запре обидот на Кентан Мае. Некоординираноста во одбраната, ракометарите на Кил ја користеа и со шутеви од 9 метри ја одржуваа предноста од 6 голови разлика со којашто се влезе во финалните 10 минути од натпреварот. Фленсбург намали на 5 голови негатива, Егерт имаше пенал за дополнително да го остави во игра својот тим. Сепак мотивираниот Волф кој првпат застана меѓу стативите го одбрани пеналот со што дефинитивно ги откажа сите надежи за избраниците на Врањеш дека може да направат резултатски пресврт. До крајот на натпреварот се играше без посебен притисок, 29-23 беше конечниот резултат, а по последниот звук на сирената следуваше големо славје за тимот на Кил.

Домагој Дувњак со 7 постигнати голови беше првата виолина во нападот на Кил, додека Екберг со 6 погодоци беше втор стрелец во тимот. За Фленсбург, Шмид, Гландорф и Мае со по 4 погодоци беа најефикасни.

Благоја Филиповски/Д.А.