Здравко Чолиќ или Металург: Кој ќе се појави во „Борис Трајковски“ на 10 ноември

Тимот на Металург има проблеми со салата во која ќе ги игра натпреварите од Лигата на шампионите и тоа не е некоја тајна. Сепак, уште сега се знае дека на 10 ноември ќе биде навистина жешко кога е во прашање салата „Борис Трајковски“, но вината лежи на сосема трета страна.

Причината за ваквата ситуација е во тоа што во ист ден се закажани и натпревар од Лигата на шампионите меѓу Металург и Спортинг и концерт на Здравко Чолиќ.

На интернет страницата на Европската ракометна федерација стои закажан натпревар на металурзите против тимот од Лисабон, кој би требало да почне од 17:30 часот. Сепак, ваквата „каша попара“ со термините дојде после промената на термините од ЕХФ пред извесно време. Оттаму Металург дојде со термин во исто време кога ќе се одржи и концерт на Здравко Чолиќ. Концертот е закажан во истата сала и во истиот ден, па јасно е дека ќе мора нешто да се менува.

Првично средбата беше закажана да се одигра на 11 ноември во 17:30, но потоа дојде до промена бидејќи истиот викенд во Скопје се игра и средбата Вардар-Барселона. Оттаму место во сабота, Вардар и Барселона ќе играат в недела, а Металург-Спортинг ќе мораат во сабота.

Ова не е првпат да се случува вакво нешто. И пред неколку години се случи во „Борис Трајковски“ да има концерт, па да мора средбата меѓу Вардар и Барселона да се игра во друга сала. Иако ЕХФ имаше наложено дека средбите од Лигата на шампионите не може да се играат веќе во СРЦ „Кале“, сепак, бидејќи не можеше да се менува терминот тогаш мечот беше префрлен во местото кое во минатото беше редовен домаќин на најголемите ракометни пресметки.

Оттаму голема е веројатноста дека и сега ќе дојде до промена на местото на организација, а со оглед на тоа што условите ги исполнува уште само СЦ „Јане Сандански“ за очекување е да дојде до преселба на мечот Металург-Спортинг во оваа сала.