За тие што мислат дека имаме опција плус: Влатко Митков не може да игра за Македонија!

Повредата на Мартин Велковски го стави на маки селекторот на Македонија Раул Гонзалес, кој ќе треба да ги разгледа другите опции на десната бековска позиција. Многумина се сетија на Влатко Митков, кој слично како и Кире Лазаров на крајот на четвртата деценија од животот се уште е меѓу најдобрите стрелци во австрискиот шампионат.

Митков го одигра своето во националниот тим на Македонија и се прости од репрезентацијата на натпреварот со Чешка минатата година во Скопје, по кој се пласиравме на Европското првенство во Хрватска. Штипјанецот постигна 78 голови на 91 натпревар во репрезентативната кариера.

Десниот бек ја игра седмата сезона во Австрија, шест мина во Кремс, а сега е главен играч во тимот на Брегенц, но таму настапува како домашен играч. Законите во Австрија не дозволуваат нивните државјани да поседуваат друго држвјанство, па Митков мораше да се откаже од македонскиот пасош за да стане жител на Австрија, каде веројатно ќе остане да живее во иднина.

Тоа значи дека тој не е во игра за настап на Мундијалот во Германија. Во годините наназад, десен бек кој најчесто беше на списокот беше Лазо Мајнов, но тој не игра од финишот на минатата сезона и логично е дека не може да биде подготвен за натпреварување какво што е Светското првенство за толку кратко време.

Гонзалес ќе мора да ги фрли во оган Томислав Јагуриновски и Мартин Серафимов, кој пак не се најде ни меѓу 28 играчи што беа во игра за настап на првите два меча од европските квалификации. Доколку се бара искусен играч на таа позиција, едиствен што ги задоволува тие критериуми е десниот бек на Еурофарм Работник, Михаил Петровски, кој долги години беше интернационалец во Романија, Данска, Франција и Унгарија, а има и репрезентативен стаж во времето на Љубомир Савевски.

Каква ќе биде одлуката на Раул Гонзалес и кои десни бекови ќе ги смести во 28 играчи од кои ќе се бараат патниците на Мундијалот, ќе дознаеме многу наскоро.