За пласманот во Хрватска – награда за ракометарите од 40.000 евра

Освен продолжувањето на традицијата да бидеме дел од големите европски и светски натпреварувања, за пласманот на 10 ракометен собир, оние што стигнаа на ЕП 2018 во Хрватска ќе имаат и добра финансиска инекција. Според правилниците на РФМ секоја репрезентација што ќе избори пласман на некое големо натпреварување, ЕП или СП и следува парична награда од 30.000 евра.

Тоа ќе го добијат и нашите ракометари, но овојпат УО на РФМ беше расположен па веднаш по освојувањето на првото место во групата им соопштија на ракометарите уште подобра вест. Наместо 30.000 евра наградата за пласманот во Хрватска е 40.000 евра.

Македонија ја декласираше Чешка со 33-20, и убедливо го освои првото место во групата. Дека сме пласирани на ЕП знаевме уште пред почетокот на натпреварот, но најлошата варијанта беше дека ќе влеземе како најдобро третопласирани, а тоа значеше и влегување во ждрепката од последниот барабан.

Победата ни донесе подобар рејтинг, но и покажавме дека секогаш кога е најпотребно можеме и знаеме да извлечеме максимум.