За малку сензација во Барселона, каталонците едвај извлекоа жива глава

Барселона со судни маки славеше над Висла Плоцк со 28:27, во напревар од 12 коло во Лигата на шампионите. Избраниците на Чави Пасквал буквално до последната секунда мораа да треперат за бодовите, а гостите го промашија ударот за реми.

Во првиот дел најчесто се играше гол за гол и ниту една од екипите не успеа да се одлепи со повисока предност. Во второто полувреме, мотивираните гости на неколку пати имаа и предност од 4 голови, 18:22, па 19:23.

Сепак каталонците, најпрво стигнаа до реми 24:24, па се играше гол за гол до 27:27, резултат со кој се влезе во последната минута. Шипжак погоди за 28:27 на триесетина секунди до крајот, а гостите упатија млак удар над мрежата на Гонзало, па победата остана дома.

Шпанскиот голман блескаше на голот со 16 одбрани, а Борко Ристовски не доби шанса за настап. Кај стрелците се истакнаа Доленец со 6 и Ентрериос со 5 голови, додека кај Висла Плоцк по 6 голови дадоа Де Толедо и Ракотеа.