Заштитена со закон: Македонија денеска отвора во салата во која се играше финалето на ОИ 1972 (ФОТО)

Денеска со натпреварот меѓу Македонија и Јапонија се отвораат средбите од Групата Б на Светското првенство во Германија и Данска, а тие ќе се играат во Олимписката сала во Минхен.

Истата оваа сала беше домаќин на финалето на Олимписките игри во Минхен во 1972 година. Во тоа финале победи Југославија предводена од Бранислав Покрајац, Абаз Арсланагиќ… на теренот и од Владо Штенцл на клупата. Југославија славеше со 21:16 против селекцијата на Чехословачка.

Салата е заштитена со закон од страна на властите во Германија и затоа никој не смее да направи ништо околу неа без притоа да добие посебна дозвола од страна на Владата. Едноставно секоја потреба од реновирање или поправање прво мора да помине на седницата на Владата на Германија, а дури потоа да се интервенира.

Последен пат тоа беше направено во периодот од 2007 до 2009 година. Сега капацитетот е 15.500 гледачи. Инаку, салата е изградена во 1967 година специјално за натпреварите на Олимписките игри.

Во оваа сала ќе бидат одиграни 15 средби на овој Мундијал. Ќе се играат само дуелите од Групата Б, па тоа ќе биде навистина интересна можност да се играат средби во сала која има големо минато.