Затишје пред нова бура или…? Металурзи се опарија и заминаа на мегдан со Загреб

Дали е ставен крај на напнатата ситуација од мината недела во Автокоманда или ова е само затишје пред нова бура, ќе дознаеме наскоро. Во меѓувреме ракометарите на Металург се „опарија“ и заминаа на мегдан на Загреб во хрватската престолнина.

Во комплетен состав, а тоа значи со капитенот Кузмановски, Јагањац, Илиќ, Пешевски, Токиќ и останатите, македонскиот вицепрвак ќе се обиде да му се спротистави на Загреб, кој сезонава не може да крене глава од повреди.

На утрешниот натпревар, Златан Сарачевиќ, практично нема да има десен бек во ростерот бидејќи на дуелот од ЛШ со Висла Плоцк се повреди Марио Вуглач, а одамна надвор од терен е словенечкиот интернационалец Давид Миклавчич.

Натпреварот меѓу Загреб и Металург е од 14 коло на СЕХА Лигата, а закажан е во 19 часот. Овие две екипи сезонава веќе одиграа еден натпревар, во рамките на 5  коло, кој заврши со победа на хрватскиот шампион, со резултат 26:32.

По 13 одиграни кола, Загреб е второпласиран со 28 бода, додека Металург има 16 бода и го дели шестото и седмото место.