Затворени дури 11 места за следниот машки Мундијал

Вкупно 11 од 24 места за Светското првенство во Данска и во Германија се веќе зафатени бидејќи дел од репрезентациите ги завршија своите обврски во квалификациите и ги зазедоа местата.

Покрај домаќините Данска и Германија уште пред јануари беше јасно дека таму без квалификации ќе биде и Франција, додека како Европски првак место си обезбеди и Шпанија. На овие четири селекции веќе им се придруќија и најдобрите од Африка, а тоа се Египет, Тунис и Ангола.

Овие седум репрезентации добија друштво во уште четири земји од Азија. Станува збор за Бахреин, Катар, Саудиска Арабија и Јужна Кореја со што засега се пополнети 11 места и остануваат уште 13 слободни.

Девет од овие места ќе бидат заземани од страна на европските селекции, а три ќе дојдат од Пан-Американските игри. Квалификациите во Европа се предвидени во периодот од 8 до 14 јуни. Пан-Американските игри, пак, се закажани за периодот од 16 до 24 јуни.

Последното место ќе биде одредено со вајлд-карта која ќе се чува за некоја репрезентација со висок рејтинг која нема да успее да се пласира преку квалификациите.

Како што е веќе познато Македонија на патот кон Мундијалот ја има селекцијата на Романија. Првиот дуел Македонија ќе го игра на домашен терен, а реваншот ќе биде после 3-4 дена во Романија.