Засега е младински репрезентативец: Живее и игра на Исланд, и сонува за дресот на Вардар

Ракометната еуфорија што трае речиси деценија придонесе многу млади да почнат да се занимаваат со ракомет во Македонија. И како што тоа беше почеток за некои нови генерации во земјава, така и некои млади што се надвор од земјава посакаа да тргнат по стапките на ракометните идоли.

На подготовките на репрезентацијата на Македонија до 20 години има 22 ракометари, а меѓу нив и еден играч кој е интернационалец и настапува во редовите на Грот од Исланд. Филип Андонов е ракометарот кој конкурира за позицијата пивот во националниот тим и кој ќе се потруди да дојде до место за натпреварите од 20 до 29 јули.

Андонов има 19 години. Роден е на 29 ноември во 1999 година, а своите први ракометни чекори ги има направено на Исланд каде и настапува во моментов.

„Мајка ми и татко ми се на Исланд уште од 1998 година. Одлучиле да останат во оваа земја. Почнав да играм ракомет од 2012 година. Ја гледав Македонија на Европското првенство во Србија и се заинтересирав за овој спорт. Играта ми беше убава. Оттаму дојде и поголема желба за да почнам да се занимавам со ракомет и полека напредувам. Спортот е интересен и ми се допаѓа“, вели Андонов во интервјуто за 24 Ракомет.

Тој својата играчка кариера ја гради на Исланд, а таму има сосема поинакви услови за работа. Покрај тоа и климата е сосема друга.

„Условите за работа на Исланд се одлични. Сосема поинаку е од овде од она што го видов. Климата на Исланд е исто така друга. Далеку поинаку е да се тренира на Исланд и тука во Македонија. На Исланд сега е 10 степени и е сосема голема разлика во однос на овие температури во Македонија каде во сала е уште потополно отколку надвор. Сепак, ќе се навикнам, температурата не е никаква пречка бидејќи кога се работи за националниот дрес ништо не е проблем“.

Тој е член на екипата на Грот, каде покрај тоа што е дел од првиот тим настапува и за младинците со оглед на тоа што има 19 години кои му го овозможуваат ова.

„Играм за тимот на Грот. Овој клуб се наоѓа во малото градче Селтјарнанес кое има 4000 жители. Настапувам и за младинскиот тим и за првиот тим. Исто така имаме и втора екипа и играм за сите. Во една сезона играм и по 80 натпревари“.

Што се однесува до односот со соиграчите во репрезентацијата и од тоа како е прифатен, тој е исто така задоволен и вели дека наишол на топло добредојде.

„Презадоволен сум од колегите. Навистина се одлични и ме прифатија прекрасно. Со нивна помош и побрзо се адаптирам и на работата на тренинзите. Покрај тоа се работи и квалитетно. Имаме одлични тренери така што се работи добро. Напорно е и тешко, но само така можеме да дојдеме до резултатите кои ги посакуваме. На домашен терен и со публика можеме да очекуваме големи работи“.

Неговата позиција е пивот и можеше да се забележи дека поседува поинаква техника, а и на тренинзите начинот на кој пристапува на вежбите покажува дека доаѓа од една сосема друга ракометна школа.

„Покрај тоа што играм пивот во нападот, на Исланд играм и многу во одбраната. Тренерите повеќе ме користат во дефанзивните задачи во тимот. Во тимот играм на сите позиции во одбрана, во зависност од тактичката замисла на тренерот. Ќе се потрудам со моето залагање и работа на тренинзите да ги убедам и тренерите во репрезентацијата да добијам шанса и да бидам дел од тимот кој ќе ја претставува Македонија на ЕХФ-шампионатот од 20 до 29 јули. Се надевам дека ќе успеам во тоа и дека ќе добијам шанса да бидам дел од оние 16 кои ќе играат“.

Што се однесува до неговата амбиција во кариерата вели дека сака да продолжи на уште повисоко ниво и еден ден да биде дел од тимот кој во 2017 година ја освои Лигата на шампионите.

„Мојата цел е да продолжам професионално да се занимавам со ракометот. Сакам да останам активен и да бидам дел од овој спорт кој ми е допаѓа многу. Посакувам и еден ден да успеам да стигнам до дресот на Вардар, тоа ми е многу голема желба. Имам големи амбиции. Работам силно на тренинзите и сакам да успеам. На Исланд ракометот заедно со фудбалот се спортови во кои најмногу се вложува и најмногу се ценат и имам високи амбиции“, изјави за 24 Ракомет, Филип Андонов, ракометарот кој е дел од јуниорската репрезентација на Македонија и е во комбинација за настапите на ЕХФ-шампионатот.

Фото: Фејсбук