Запрена серијата на шампионите: Барса вторпат сезонава го совлада Вардар

Екипата на Барселона е единствената која што може да каже дека сезонава успеала да го совлада актуелниот освојувач на Лигата на шампионите, Вардар и тоа во два случаи. Првиот пат тоа беше во полуфиналето на Супер глоуб турнирот, а сега во 11. коло од Лигата на шампионите.

300x250

Барселона казни неколку грешки на Вардар, а практично постигна повеќе од пет гола на празен гол така што победата дојде во тие моменти. Триумфот од 29:28 воедно значеше крај на серијата на Вардар од 25 меча без пораз која почна после поразот од Барселона и заврши со пораз од истиот состав.

Мечот не тргна најдобро за ракометарите на Вардар. Барселона го доби отворањето на овој дуел и рано успеа да се избори за предност од три гола и да поведе со 5:2. Сепак, ова траеше само неколку минути бидејќи Арпад Штербик успеа да го затвори голот и да овозможи колегите да се борат за враќање во игра во нападот.

Тука Вардар успеа да се врати во потребниот ритам, а тоа носеше и подобар резултат. Предноста на Барселона ја снема, а Вардар полека почна да се враќа во трка со противникот.

Барселона одново поведе со два гола и стигна до 8:6, но тука дојде најголемата серија која што ракометарите на Вардар успеаја да ја направат против Каталонците. Четири гола по ред му донесоа водство на шампионите од 10:8.

Сепак, ова не беше долго бидејќи Барселона брзо израмни на 10:10 и се влезе во израмнет финиш на првото полувреме во кое се играше неизвесно до крајот, а домашните заминаа на одмор со гол предност од 15:14.

Неизвесноста во вториот дел траеше само кратко бидејќи Барселона набрзина дојде до плус три и поведе со 18:15. Вардар немаше што да тактизира и мораше да се тргне офанзивно. Работите не одеа најдобро бидејќи имаше и неколку исклучувања, па мораше да се игра без голман. Имаше и грешки во комбинирањето во нападот, а Барселона тоа го казнуваше.

Клучниот момент за да се создаде позитива и од четири гола дојде во грешките кои ги правеа вардарци кога беа со ракометар помалку и играа без голман. Тука Барса казни неколкупати и тука Вардар и го загуби овој дуел против Каталонците. Очигледно во Барселона се подготвувале за играта на Вардар без голман, па многу често се наоѓаше начин да се пресече топката, а потоа да се стрела во празниот гол.

И покрај сето ова вардарци се обидоа да се вратат и откако имаа минус четири дојдоа до негатива од два гола. Тоа го направија двапати, а вториот пат се случи на три минути до крајот на средбата. На 30 секунди Вардар дојде и до негатива од еден гол и тогаш резултатот беше 29:28, а потоа Барселона искусно го потроши времето и ја зачува победата.