Загреб се намачи со Металург, но успеа да освои бодови

Во меч од 14. коло од СЕХА-лигата, екипата на ППД Загреб дојде до победа од 30:28 против Металург, а ова беше далеку потешко од очекувањата бидејќи металурзите се со далеку помлад состав отколку во првиот дел од сезоната.

Металург беше одличен ривал кој се спротистави во текот на сите 60 минути. Ракометарите на Загреб мораа добро да се испотат за да дојдат до бодовите така што не можеа да бидат сигурни во ниту еден момент за победата.

На одмор екипата на Загреб имаше предност од 15:13. Последен пат беше нерешено при 12:12, а тоа се случи во 27. минута. Претходно Металург успеваше да биде и во предност, но не можеше истата позитива и да ја задржи, па на одмор замина со два гола негатива.

Во вториот дел Загреб дојде на моменти и до предност од четири гола. Тоа се случуваше на средината од второто полувреме, па имаше доволно време за Металург да се врати во игра. Успеа да дојде до негатива од еден погодок и тоа во неколку ситуации, но не успеа да стори повеќе.

На крајот Загреб славеше со 30:28, а во овој пораз Металург ги имаше расположените Јагањац со девет и Кузмановски со осум гола. Мартин Томовски запре осум удари на противниците, додека Даниловски имаше четири одбрани. Кај домашните Тин Контрец и Златко Хорват реализираа по осум удари.