Завршницата на СЕХА во мај најверојатно во Скопје

Регионалното ракометно натпреварување на крајот од август и почетокот на септември ќе ја започне својата седма сезона. Успешната приказна на СЕХА лига низ годините прерасна во вистински бренд од кој започнаа да учат и останатите национални натпреварувања. Значително ослабена по квалитет, седмата сезона нема да ни ги понуди мега дуелите меѓу Вардар и Веспрем. Унгарскиот првак го напушти регионалното натпреварување, а квалитетот дополнително се намали со вклучување на српски екипи чии квалитет е далеку од останатите осум тимови.

Почетокот на сезоната е најавен за 27 август, а уште отсега веќе се појавија првите информации за следната локација на Фајнл Фор турнирот. Како прва опција СЕХА ја разгледува кандидатурата на Скопје. Главниот град на Македонија веќе еднаш беше домаќин на второто издание на Ф4 турнирот, а челниците на СЕХА сакаат да го фатат моментумот и еуфоријата која се создаде со победата на Вардар во Лигата на шампионите. Со оглед на составот на екипите оваа сезона, повеќе од јасно е дека една македонска екипа ќе се избори за место меѓу најдобрите четири екипи (ако не и две), па еден од главните услови може да се каже дека е исполнет уште пред почетокот на сезоната. Останува да се одредат сите детали до состанокот во март кога официјално ќе биде одлучено кој град ќе биде домаќин на завршните натпревари во СЕХА.

Покрај Скопје, Словенија е една од кандидатите за домаќин на завршницата на регионалното натпреварување. Во игра е главниот град Љубљана, како и Целје. Лобирањето ќе започне на почетокот на следната година, но ќе биде навистина тешко да ја надминат кандидатурата на Скопје за завршниот турнир. Голема промена ќе има и во натпреварувачкиот календар, па челниците на СЕХА ќе го поместат Ф4 турнирот за речиси еден месец. Според работниот предлог доставен до клубовите Ф4 турнирот во СЕХА треба да се игра од 4 до 6 мај.

Досега истиот вообичаено се одигрувал на крајот на март или почетокот на април. Сега ЕХФ планира на крајот на март да се играат осминафиналните мечеви од ЛШ, а на почетокот на април да има термин за националните репрезентации. Четвртфиналните дуели од ЛШ треба да се играат во терминот од 18 до 29 април. Потоа би останале пет денови пауза и би се играл Ф4 турнирот во СЕХА. Местото дополнително ќе се утврди, најверојатно на почетокот на следната година.