Заврши сезоната за Дувњак: Операцијата успешна, следува долг период на рехабилитација

Централниот бек на Кил и хрватската ракометна репрезентација, Домагој Дувњак ја заврши оваа сезона, а повторно се враќа на терените кон крајот на годината. Хрватскиот интернационалец долг период имаше проблем со повредите, а коленото беше и тема на преговори со бундеслигашот. Дувњак денес имаше успешна операција која би требала да ги реши проблемите со коленото на левата нога, а сега престои долг период на рехабилитација која треба да го врати врвното издание на 28 годишниот бек.

По избореното четвртфинале „зебрите“ беа во дилема дали нивниот најдобар ракометар да ја одложи операцијата и да се обиде да даде свој максимум за нов пласман во Келн, но стручниот тим на доктори во соработка со тренерскиот тим го пратија популарниот „Дуле“ под нож пред крајот на евросезоната.

Тајмингот на операцијата му оди во прилог и на новиот селектор на репрезентацијата на Хрватска, Лино Червар кој сигурно главната задача во националната селекција ќе му ја довери токму на Домагој Дувњак.