Заврши паузата за шампионките: Вардарки од денеска на тренинг и во поход кон нов фајлн-фор

Ракометарките на Вардар од денеска се одново на тренинг и стартуваа со подготовките за вториот дел од сезоната во кој ги очекува битка за пласман на завршниот турнир во Лигата на шампионите. Сите се вратија на тренинг така што ќе имаат напорни денови до стартот на втората фаза во ЛШ и нема да има време за штедење.

Ирина Дибирова и Роберто Гарсија Парондо ги имаат на располагање истите ракометарки со коишто го одработи и првиот дел од сезоната во кој имаше максимален број на бодови во Лигата на шампионите и во домашното првенство така што сега целта е да се продолжи на истото ниво.

Вардар ја има истата цел како и досега и само се продолжува во истиот ритам во кој беше одработен и првиот дел од сезоната.

„Иако победивме на сите средби во првиот дел од сезоната не можам да бидам задоволна и од играта бидејќи имавме грешки. Мислам дека можеме да бидеме уште подобри и очекувам да го направиме тоа во продолжение од сезоната. Би сакала младите ракометарки да имаат што е можно поголема минутажа, но имаме тешка група и ќе видиме како ќе се одвиваат работите“, вели Дибирова.

Ракометарките се подготвени за она што им претстои и сигурно ќе дадат максимум на теренот. Сите знаат дека е време да се оди докрај на завршниот турнир во Лигата на шампионите.

„Секоја година нашата цел е иста. Годинава играме позрело и посериозно. Тоа се виде во првиот дел од сезоната, но ќе мораме истото да го потврдиме и во продолжение и да бидеме уште подобро. Се познаваме подобро и очекувам да бидеме на уште повисоко ниво“, коментира капитенот на Вардар, Јованка Радичевиќ.

Првите средби вардарки ќе ги одиграат во регионалната лига. Од 19 до 21 јануари во СЦ „Јане Сандански“ ќе бидат одиграни средбите од третиот турнир, а во Скопје гостуваат Будуќност и Крим. На претходните два турнири, Вардар победи на сите средби, па сега само треба да ја потврди доминацијата и на домашен терен.

Во Лигата на шампионите првиот меч за вардарки е на 27 јануари во Скопје, а гостува екипата на Мец.

Фото: zrkvardar.mk