Заврши европската авантура за Пелистер

Ракометарките на Пелистер забележаа уште еден пораз во осминафиналето на Челинџ Купот, откако загубија од Наиса Ниш со 34-24.

По вчерашниот убедлив пораз со 26-33, битолчанки немаше што да бараат на овој натпревар, иако солидно парираа во првите дваесетина минути игра кога беше 12-11. Во финишот на полувремето беше скршен отпорот на тимот предводен од Викторија Блажевска и српскиот тим замина на пауза со предност, 17-12.

Во вториот дел немаше многу дилеми, па домаќинките континуирано ја зголемуваа предноста и на крајот стигнаа до убедлива победа со десет голови разлика, 34-24.

Најдобри стрелци во Наиса Ниш беа Радовиќ и Танасковиќ со по пет голови, додека кај ЖРК Пелистер се истакнаа Милосављевиќ со шест и Јанкуловска со пет погодоци.