Житников пред потпис со Вардар: Пик Сегед со оригинална најава за изненадувачки трансфер

Екипата на Пик Сегед ангажираше нов среден бек, па рускиот репрезентативец сега е прекуброен во тимот што значи дека е на излезна врата во тимот од Унгарија и пред преселба во Скопје во „црвено-црниот“ табор.

После две години, Деан Бомбач се враќа во редовите на Пик Сегед. Тој играше за Келце каде повеќе не сметаат на него и во новата сезона ќе го носи дресот на тимот на Пик Сегед за кој играше од 2014 до 2016 година. Актуелниот унгарски шампион на оригинален начин ја соопшти веста за трансферот, користејќи ја ќерката на словенечкиот ветеран, koja сега има шест години и во пораката до фановите вели дека повторно ќе се врати со своите родители таму како што претходно ветила.

Ова враќање на Бомбач значи дека во Пик Сегед повеќе не сметаат на Дмитри Житников, а тоа воедно е и најава за трансфер на рускиот репрезентативец во редовите на Вардар. Ваквата вест беше брз демант на изјавата на Житников дека постои можност да остане во Унгарија, па сега е веројатно прашање на време кога тој ќе го стави потписот за Вардар.

На овој начин Вардар добива играч кој игра и во напад и во одбрана, а руската колонија во таборот на „црвено-црните“ се зголемува за уште еден ракометар.