Жешко на трибините, жешко и на терен: Македонија со плус два на одмор

Репрезентацијата на Македонија после тешки 30 минути има предност од два гола на полувреме против Грците. Иако 20 минути беа во негатива момците најдоа начин да се вратат во средбата и на пауза да заминат со водство од 13:11.

Македонија тргна тешко во мечот. Првите три напади завршија со одбрана на голманот на Грција, Петрос Буковинас. За тоа време гостите поведоа со 2:0. Беа потребни четири минути за да се постигне првиот погодок, а тој беше дело на Кузмановски.

Имаше големи проблеми во нападот каде што тешко се создаваа шанси за шут. И кога се создаваа не се користеа, па тоа беше и причина за негативата од три гола, 3:6 после десет минути игра. Проблемите се редеа, а во 14. минута Филип Кузмановски го заработи второто исклучување, па ова ја наруши конценпцијата на Брестовац за игра во одбраната. Две минути подоцна Ристовски самиот побара замена така што Митревски се најде на голот.

На средина од полувремето Грција водеше со 8:5 кога почнаа минутите на поцврста игра во одбраната и на враќање во мечот за репрезентацијата на Македонија. Никола Маркоски одлично функционираше покрај неговиот брат Велко, а и Маџовски се снајде на халф, па ова носеше можност за пресврт.

Конечно израмнувањето дојде во 20. минута кога Пешевски биеше за 9:9, а беше изнудено и исклучување. Првото водство дојде дури во 26. минута откако Митревски фати „жива“ и во контра Никола Маркоски беше сигурен реализатор за 11:10.

На одмор се замина со 13:11 откако во финишот на полувремето не беше искористен последниот напад за да се има уште поголема предност.

Во првиот дел од мечот најефикасни беа Талески и Пешевски со по три гола. Двапати прецизни беа Лазаров, Никола Маркоски и Маџовски, а еден гол постигна Кузмановски. Митревски го заврши првиот дел со три одбрани.