Жена го исели Палмарсон од Веспрем !

Во очекување на одлуката на Веспрем во случајот за Арон Палмарсон, исландските и шпанските медиуми ја разоткрија вистинската причина која стои позади ракометниот скандал на годината. Најдобриот централен бек во светот, исландскиот репрезентативец Арон Палмарсон, на почетокот на подготовките со својот клуб Веспрем се појавил единствено да му соопшти на новиот тренер Љубомир Врањеш дека не сака да биде дел од тимот и заминал за Исланд. Потег кој претставува кулминација на настаните околу неговиот статус во клубот и евентуалниот трансфер во Барселона.

Позади неговата цврста одлука стои девојката на Палмарсон, познатата исландска актерка и пејачка Агуста Ева Ерлендсдотир. Ева е во очекување на своето второ дете, прво со капитенот на исландската ракометна репрезентација и не и се допаднал градот Веспрем како место за живот на нејзината фамилија. Таа инсистирала да се преселат некаде покрај море или океан, во град кој нуди попријатна клима и поквалитетни услови за живот. Единствен тим кој ги исполнува овие критериуми и има високи амбиции во Лигата на шампионите е Барселона, причина поради која Палмарсон започнал преговори со овој клуб, а од јуни 2018 ќе се приклучи кон каталонскиот гигант.

Палмарсон уште на почетокот на минатата сезона покажа дека не е задоволен од третманот во клубот, од тренерот, а особено од управата што резултираше со лоши игри на ѕвездениот тим од Унгарија. Тие ја загубија титулата во СЕХА лигата, загубија во полуфиналето на Лигата на шампионите, а неизвесно беше и во домашното првенство против Пик Сегед. Во меѓувреме се појавија гласини дека исланѓанецот по истекот на договорот во јуни 2018 ќе се пресели во Барселона. Гласините во мај станаа реалност, а во обид да се контролира штетата управата на шпанскиот гигант се обиде да се договори со Веспрем за откуп на договорот со Палмрсон една година пред неговиот истек. Сумата од еден милион евра која Веспрем наводно ја побарал за да ги отстапи услугите на искусниот Исланѓанец беа причина Барселона да се повлече од преговорите и да започне најголемиот ракометен скандал за оваа година.

Контраверзната пејачка се најде во фокусот на Европа кога во 2006 година настапи на изборот за песна на годината на Евровизија во Атина како своето алтер его Силвија Најт и испрати иронична порака кон сите љубители на овој избор. Иако нејзиниот лик и перформанс требаше да донесе забава и смеа, таа наиде на многу критики од публиката која не ја разбра нејзината порака во целост и нејзиниот настап заврши во полуфиналето на овој избор.

Во очекување на одлуката дали управата на Веспрем  ќе го суспендира Арон Палмарсон како што веќе најави, или можеби богатиот ПСЖ или очајниот Кил ќе се обидат да платат нереално висока сума за едногодишен договор со ракометарот, нова позитивна вест за Палмарсон е заминувањето на Филип Јиха во пензија. Со тоа се отвора можност Барселона финансиски да одговори на фрлената ракавица од Веспрем, а Ева да се пресели во Шпанија уште ова лето.