Железничар ги потврди најавите: Вујо доби екс-голман на Металург во тимот

Екипата на Железничар од Ниш потврди едно од планираните засилувања и во продолжение на сезоната ќе има искусен голман кој има настапувано и за екипата на Металург. Тимот на Веселин Вујовиќ доби одличен голман во искусниот Мирослав Коциќ.

Голманот кој во сезоната 2014/2015 стоеше и на голот на Металург има 37 години и досега има играно за неколку клубови. Тој би требало да ја покрие позицијата која претставуваше голем проблем во Железничар и треба да донесе квалитет плус во битката за титулата во Србија. Дека Коциќ ќе потпише за Железничар беше јасно уште пред 2-3 недели, а сега само беа официјализирани сите најави.

„Драго ми е што се вратив. Ми беше потребно сето ова бидејќи со нетрпение очекувам да се вратам во натпреварувачки ритам бидејќи поради административни проблеми во Романија не играв уште од октомври минатата година. Секако ми недостигаше и мојот Жељо, кој сега е сосема поинаков клуб од оној од кој си заминав пред неколку години“, коментираше Коциќ при потпишувањето на договорот.

Засега нема информации кои ќе бидат другите засилувања, но се очекува деновиве да има уште неколку играчи, а меѓу потенцијалните играчи кои би можеле да потпишат за Железничар е и Марко Нелоски.