Жарко Пешевски: Тренерот ми рече – Жаре оди давај голови

Пивотот на Металург, Жарко Пешевски има една од најдобрите сезони зад себе во сите натпреварувања. Доби огромна доверба во овој шампионат, а со игрите успеа и истата да ја оправда.

Пешевски е еден од играчите кои никогаш не се штедат и кои секогаш одат со максимум во секој дуел. Од неговата игра зависат многу работи, па затоа ќе биде интересно и во плеј-оф лигата за титула во Македонија.

Од СЕХА-лигата останува уште малку со оглед на тоа што последниот меч е в недела против Целје во „Борис Трајковски“.

* Ја играш можеби најдобрата сезона во Металург, и си еден од најдобрите поединци во тимот. Ги исполни ли личните планови за сезонава?

„Сигурно е ова најдобрата сезона досега во кариерата, и верувам дека ќе бидам уште подобар во иднина. На секој натпревар играв сѐ подобро, тоа го знам и јас, а награда ми е публиката која ме поддржува на секој меч“.

* Можеше ли Металург повеќе оваа сезона?

„Секогаш може повеќе. Искрено, Металург се надмина и себе си на некои натпревари. Одигра некои одлични натпревари и во СЕХА лигата и во Лигата на шампионите. Со оглед на квалитетот што го поседуваше, па и сега со кој ростер настапуваме, ова е одлично“.

* Малкумина знаат дека ракометната кариера ја почна како голман, а сега си успешен како пивотмен. Како воопшто тоа се случи

„Тоа беше многу одамна. Јас потекнувам од школата на Металург. Тоа беше еден детски сон на почетокот, една голема желба. Но, тренерот ми рече – Жарко оди давај голови…високо и крупно дете си. И така сѐ се смени“.

* Не си единствениот во семејството што игра ракомет

„Антонио Пешевски е мој братучед и е голман. Тој го исполни сонот во семејството да има барем еден голман. Сега брани во Шведска, а долго години беше играч на Металург. Малку време и заедно настапувавме“.

* Кога некој од страна би те гледал веројатно веднаш би познал дека си пивотмен. Колку е тешко да се игра на тоа место?

„Хахахах. Па или тоа или голман. И играњето како пивотмен е интересно. Нормално е дека има многу борба, удари, скинати дресови. Но, има и убави работи кога токму вие ќе изнудите пенал, ќе дадете гол. Сѐ тоа има своја цена“.

* Како се справуваш со килограмите?

„Се мачиме, но се знае што може, а што не може. Навиката е на прво место и напорното тренирање. Здрава исхрана и кога се сака сѐ се може“.

* Соработката со бековите е одлична. Понекогаш дури и без да гледате ја додавате топката. Колку време е потребно да се воиграш со бековите.

„Кога долго време сте со некои играчи заедно, особено бековите тогаш и соработката е полесна. Треба време да се изгради однос, но потоа е лесно. Додавања без гледања, од позади. Секоја минута помината со соиграчите значи и меѓусебно запознавање, разбирање, а тоа е важно за добра соработка“.

* Од кој играч имаш добиено најмногу ќотек на натпревар?

„Тешко е со сите. Можеби треба да се издвојат натпреварите со Вардар. Таму се игра максимално, без штедење за секоја топка, секоја позиција. Можеби затоа е тешко да се игра против Илија Абутовиќ“.

* Пред почетокот на сезоната се зборуваше дека заминуваш, но ти реши да останеш уште две сезони во Металург?

„Имаше некои понуди, но решив да останам. И не згрешив. Ја играм најдобрата сезона и очекувам да бидам и уште подобар“.

* Сеха лигата и настапите во Металург ти овозможија и настап на СП 2017, на ЕП 2016 и 2018. Колку СЕХА ти помогна во таа промоција?

„СЕХА е една одлична промоција за секој ракометар, и за негов развој. И не само како играч, туку и како човек. Со квалитетни натпревари и одлична организација е многу полесно“.

* Кој ќе биде првак на СЕХА лигата?

„Вардар, без дилеми“.

* Можеме ли да очекуваме Металург в година да биде изненадување во лигата

„Зошто да не. Едно приближување до Ф4 турнирот би било одлично, и за клубот и за навивачите. Сѐ зависи каква екипа ќе имаме в година“.