Е. Работник се прошета низ Автокоманда

Ракометарите на Еурофарм Работник ја продолжија победничката серија во Суперлигата и по убедливиот триумф над Радовиш во Битола, забележаа уште еден убедлив триумф, овојпат на гостувањето во Автокоманда, над Металург 2 со 21:35.

Беше неизвесно само во првите петнаесетина минути, кога беше 5:6, пред Дрогришки и Граѓан со серијата голови да им донесат на гостите од Битола водство од 5 голови разлика, 5:10 во 20 минута, a до крајот на полувремето, водството на Работник беше зголемено и на плус 9, 8:17.

Домашните ракометари ниту во вториот дел не беа моќни да му се спротистават на поискусниот противник, иако по смената на поставите на теренот видовме дека Металург 2 има играчи како Мелоски, Кондев, Гошевски, Младеновиќ, Митиќ, Ристовски…за кои допрва ќе се слуша.

До крајот немаше дилеми околу победникот, па мечот заврши 21:35. Најдобри во победничкиот состав беа Дрогришки и Ојлески со по 7 голови, а пикерот Трајковски се истакна со 6, додека одлични беа и голманите Умовец и Ивановски. Во домашниот тим, 4 голови даде Шилегов, а по 3 Танкоски и Серафимов.