ЕХФ најави повеќе пари за клубовите

На маргините на финалниoт турнир во Келн, раководството на ЕХФ ја презентираше програмата и маркетинг планот 2020-2030 година. Челниците на европската куќа на ракометот и во наредните десет години ќе ја обноват соработката со „Инфронт“, а овојпат добиваат засилување во компанијата “Перформ“ која е лидер во дистрибуција на дигитална содржина во светот.

Деталите од договорот се компликувани и обемни, челниците се обидоа да ги доближат до публиката, а од она што може да се сумира станува збор за повеќе пари кои ќе се слеваат во ракометните клубови учесници во европските купови.

Договорот тежок околу 600 000 000 евра ќе се подели во сооднос 60% за клупски ракомет и 40% за националните тимови и федерации. Машкиот и женскиот дел на Лигата на шампионите ќе земат најголем дел од оние 60%, а во договор со унијата на ракометари на Европа одлучено е 80% од финансиите кои следуваат за клупски ракомет да се распределат на клубовите. Тоа значи повисок награден фонд за Лигата на шампионите и сите останати клупски натпреварувања под капата на ЕХФ.

Мајкл Видерер, претседател на ЕХФ:

Минатата година на завршната прес-конференција тука во Келн објавивме дека подготвуваме тендер за маркетинг правата, бидејќи на крај на денот за сите инволвирани се исплати да овозможиме поголем пакет на права и повеќе можности на пазарот. Сега го завршивме процесот, тендерот е затворен и подготвени сме да го потпишеме договорот меѓу ЕХФ и ЕХФ маркетинг на една страна како и „Инфронт“ и „Перформ’ на спротивната. Ова е нова страна за ЕХФ. Имаме договор со клубовите дека 80 % од правата ќе бидат повторно редистрибуирани. Со овој договор од 2020-2030 мораме да започнеме да работиме веднаш, а ваков убав настан како Ф4 е одлична почетна точка за тоа.

И претседателот на Инфронт го изрази своето задоволство од условите кои ги договориле. Тој на прес-конфенрецијата потенцираше дека ова е еден од најдогорочните вложувања за „Инфронт“, а со новиот партнер за дигитална дистрибуција на содржини „Перформ“ ќе ја зголеми ракометната публика и ќе привлечат нови пазари.