ЕХФ ги објави и женските тимови: Една Македонка ќе игра во групната фаза од Лигата на шампионите

Покрај тимовите во машка конкуренција веќе се познати и екипите кои во новата сезона ќе играат во групната фаза во Лигата на шампионите кај дамите. Вкупно 15 екипи добија место во групите, а за четири ќе има дополнителна битка за едно место кое ќе треба да биде пополнето.

Иако имаше четири екипи пријавени од Унгарија место ќе има само за две, а по два претставника ќе имаат и Франција и Романија.

Во новата сезона од Лигата на шампионите во групната фаза ќе има само една репрезентативка на Македонија. Капитенот Елена Георгиевска која се пресели во редовите на Подравка ќе добие можност да се натпреварува со овој тим, па ќе ја исчекува ждрепката за ривалите. Инаку, Подравка директно доби место во групната фаза од Лигата на шампионите.

Оваа сезона ќе ги нема Сара Ристовска и Јована Саздовска кои играа во последниот шампионат. Ристовска се пресели од Крим Меркатор во ЦСКА Москва, додека Турингер на Саздовска не обезбеди место.

ДИРЕКТНО ВО ГРУПНА ФАЗА

Ѓер (Унгарија), Будуќност (Црна Гора), Ростов Дон (Русија), Мец (Франција), Есбјерг (Данска), Кристијансанд (Норвешка), Битигхајм (Германија), Крим Меркатор (Словенија), Савехоф (Шведска), Лублин (Полска), Подравка (Хрватска), Влчеа (Романија), ФТЦ Раил Карго (Унгарија), ЧСМ Букурешт (Романија), Брест (Франција).

ВО КВАЛИФИКАЦИИ

Рокаса Гран Канарија (Шпанија), Јагодина (Србија), Баник Мост (Чешка), Кастамону (Турција).