ЕУРО 2018: Од играчи до навивачи сите вчера беа со црквени ѕвона

После војната можеме сите да се правиме генерали, но натпреварот против Словенија го доби добрата игра во одбрaна. Тоа беше клучот на успехот на овој меч. Не успеавме да реализираме многу тешки ситуации во моменти кога бевме 6 на 5 во напад. Во прво полувреме имавме пет такви ситуации, не успеавме да постигнеме ниту еден гол, а примивме неколку. Тоа беше карактеристика и на минатите натпреварувања, но овој пат нашата игра во одбрана успеа да го поправи она што го расипавме во напад.

Навистина не сакам никого да го издвојувам во еден ваков меч. Ова е колективна победа на сите играчи коишто беа во составот. Тука се заслужни сите. Почнувајќи од селекторот, па до играчите кои денеска не добија шанса за да играат. Манасков и Филип Лазаров реализираа кога беше најпотребно.

Имаше големи резерви во играта. Тука мислам пред сè во играта во напад. Она што е работено како систем функционира одлично. Ако бевме малку поприсебни при реализацијата на шутеви при 5 на 6 тогаш сигурно овој триумф ќе беше поубедлив.

Нема потреба да бидеме генерали после битка. После една ваква победа е јасно дека Македонија во следната фаза ќе пренесе барем два бода. Од она што го видов меѓу Германија и Црна Гора можам слободно да кажам дека ние имаме шанси за да пренесеме четири бода. Од она што го видов од Македонија, пак, јасно е дека е зрела за да се пласира понатаму и тоа со четири поени.

Сите што влегоа на терен од прв до последен го одработија она што беше побарано од нив. Никола Маркоски имаше можеби епизодна улога, но тој успеа да ја оправда својата задача. Не би било убаво некој да се двои бидејќи победата е колективна, но секако треба да се потенцира добрата игра во одбраната на Јоноски и Миркуловски.

На спротивната страна, Веселин Вујовиќ уште еднаш покажа дека е голем мотиватор. Тој ги користи сите шанси за да ги мотивира своите ракометари и на тој начин да го извади максимумот од нив. Ми бил тренер две години и одлично знам како е кога тој ја води играта. Тој не сака да губи. Дури и на тренинг кога се игра кошарка не сака да загуби, а не на ваков натпревар меѓу играчи коишто ги води. Тој реагираше на судиските одлуки барајќи го најдоброто за своите ракометари. Во таква ситуација не се бираат средства и затоа тие реакции се нормално.

Вујо го искористи она што го имаше на располагање. Сепак, на теренот ние имавме порасположени играчи. Да се изразам со зборовите на Вујовиќ тоа беа ракометари со „муда како црквени ѕвона“. Од играчи до навивачи сите вчера беа со црквени ѕвона.

Сметам дека судиите извонредно ја извршија својата задача на оваа средба. Ваков натпревар кој беше празник за ракометот не треба да се уништува со судиските одлуки. Ова беше вистински празник за ракометот и секако немаше да биде незаслужено доколку и Словенија дојдеше до победа на средбата. Едноставно ние бевме тие што се радувавме на победа.

Ова беше врвен натпревар со врвна атмосфера. Победа над третопласираната селекција во светот! И тоа селекција која веќе ни впиша два бода за следната рунда на ЕП!