ЕУРО 2016 АНАЛИЗА: Андон Бошковски за Полска

Селекцијата на Полска е домаќин на престојното ракометно првенство. Токму како домаќин, Полска шансата ќе ја бара да го освои посакуваниот златен медал, покрај фактот што според статистиката само Шведска (2002 година) како домаќин се радувала на златен медал. Полска во првата фаза ќе се соочи со Србија, Македонија и Франција, а својата шанса ќе ја бара преку натпреварите со Србија и Македонија.

300x250

Андон Бошковски за репрезентацијата на Полска

Домаќинот на првенството репрезентација на Полска, без разлика што на последното светско првенство кое се одржа во Катар беа трети, според мене го немаат квалитетот што некогаш го имале, а особено сега по повредата на Бартош Јурецки кој последниве десет години беше важна алка во составот на Полска. Сега освен Сипржак немаат друг пивот на тоа ниво, а да не заборавиме дека Сипржак во Барселона е позади Нодесбо и Сорандо. Некогаш на крилните позиции ги имаа Тулчински и Кулчински, а сега на тие позиции се со Дасек и Вишњевски  кои во Висла Плоцк се резерви на Никчевиќ и Гионеа, но ги немаат играчите од светска класа, Јашка и Ткачиќ,  а особено имаат проблем со десен бек каде Кристоф Лијевски повеќе е повреден отколку што игра, а Зиба е само епизодист.

Нивното најголемо оружје е Биелецки  и голманот Шмал, но тие двајца се во поодминати години и затоа без разлика што се домаќини мене не ми претставуваат некој кој би се борел за висок пласман. Во одбраната играат 6-0  која по мене е ранлива и која не може многу да помогне за да одлучат некој натпревар,  во кој се бара квалитет повеќе. Како што реков, нападот се сведува на шут од далечина во кој Биелецки го има главниот збор. Со сета почит кон нивниот селектор мислам дека е далеку во однос на неговиот претходник, творец на ова што им се случува на Полјаците во последните десет години, Богдан Вента. Ние имаме позитивен биланс  во однос на Полска на големите натпреварувања и затоа потајно се надевам дека може да направиме добар резултат со нив.

Во групата во кој игра и Македонија за нас е најинтересна. Ако ги анализираме противниците на Полска (кои имаа право да бираат група) по нивно гледање би требало да е најслаба групата А, каде освен Франција не би гледале посериозна опасност. Франција ја има најдобрата репрезентација во последниве 12 години, ние претходно немаме пораз од Полска на големите натпреварувања, а тука е Србија која никогаш не знаеш како ќе одигра. Што се однесува до Франција во однос на Полска е тоа со каков мотив ќе дојдат нa ова европско првенство ако знаеме дека оваа е олимписка година, а истото беше и во 2012 година во Србија. Французите тогаш одиграа слабо за да после 5 месеци бидат први на ОИ во Лондон. Темпирањето на формата ќе значи дали селекцијата на Полска има шанса со нив. Во натпреварот со Србија мислам дека се фаворити  пред се затоа што Србија по се што работи очигледно ја има во глава само средината, со нас како клучен натпревар  и се е фрлено на таа карта.

Против Македонија сигурно е дека ќе имаат предност бидејќи играат дома, но јас сум убеден дека ние имаме начин како да им парираме и дека на Полјаците селекцијата на Македонија ќе им биде тежок залак. Исто така морам да кажам дека на големите натпреварувања битна е првата средба бидејќи целиот подготвителен период се подготвуваш за тој ист натпревар и имаш повеќе време и анализа. Затоа сум убеден дека ние може многу да направиме во тој натпревар.

PolKlIgr

КЛУЧНИ ИГРАЧИ НА ПОЛСКА

МИХАЛ ЈУРЕЦКИ – Еден од најдобрите бекови кои играат во два правци подеднакво добро. Предводник на полскиот шампион Киелце, со кој минатата сезона учествуваше на ФајнлФор турнирот во Келн. Мотивот и агилноста на 31-годишниот бек ќе биде ударната сила на ова Европско првенство.

КАРОЛ БИЕЛЕЦКИ – Високиот лев бек има еден од најразорните удари во ракометот. Затоа тој ќе претставува вистинска закана за секој голман од надворешните линии. Биелецки е клубски колега на Јурецки во Киелце.

СЛАВОМИР ШМАЛ – искусниот голман на полската репрезентација ќе биде капитен на ова генерација ракометари. Тој ќе биде еден од клучните ракометари на ова Европско првенство, а тоа веќе го докажа Шмал со своите бравурозни одбрани во Лигата на шампионите, за што често беше дел од најдобрите одбрани во изборот на ЕХФ ТВ.