Еурофарм Работник пред потпис со белоруски репрезентативец

Левиот бек од Белорусија, Хлеб Харбуз се наоѓа пред потпис со македонскиот тим Еурофарм Работник. Тој се наоѓа на проба, но најверојатно ќе биде потпишан договор на година и пол со белорускиот репрезентативец.

Станува збор за бек-шутер со одлични предиспозиции, висок 191 цм, тежок 88 килограми, кој би бил од голема помош за стратегот Ѓорѓе Чирковиќ, кој остана практично на четири-пет бека по суспензијата на Кузманоски и заминувањето на Дрогришки.

Харбуз во моментов е дел од белорускиот вицепрвак СКА Минск со кој има договор до крајот на сезоната, но најверојатно тоа нема да биде проблем да се пресели во Македонија и да му помогне на битолскиот тим во настапите во Купот на ЕХФ.

25-годишниот играч има веќе интернационално искуство настапувајќи во рускиот Санкт Петербург, украинскиот Мотор Запорожје, австрискиот Тирол, а во Белорусија има играно и за Динамо Минск.