Еурофарм Пелистер ќе има буџет од најмалку 1 милион евра!

На вчерашната седница на Советот на Општина Битола, без изгласани повеќето заклучоци во врска со понудената „Платформа за ракометна Битола“. Сепак, имаше неколку измени во однос на тоа што го понуди компанијата Еурофарм, односно ракометниот клуб Еурофарм Работник. Наместо 100% од акциите, Еурофарм Работник ќе може да купи 75% од акциите во Пелистер, а ист процент би добила и Општина Битола од Еурофарм Работник. Тоа значи дека влогот на Еурофарм ќе биде 75%, додека на Општина Битола ќе биде 25%.

Беше побарано името Пелистер да биде составен дел од двата клуба, а беше најавено дека годишниот буџет на „посилниот“ клуб ќе биде најмалку 60 милиони денари или 1 милион евра. Еурофарм Пелистер во претстојната сезона би играл во сино-бели дресови, на кои ќе биде грбот на Пелистер, додека од наредната сезона ќе има две гарнитури, сино-бели и зелено-бели.

Двата клуба без надоместок би ја користеле салата „Боро Чурлевски“, во која приоритет ќе имаат ракометните натпревари. На седницата не беа изгласани предлозите на дел од советниците двата клуба да имаат слични имиња како Вардар и Металург, односно нивните втори тимови – Еурофарм Пелистер и Пелистер Еурофарм Јуниор, пишува битолскиот портал „Bitola News“.

Беше најавено дека мора да се прецизира правно зачувувањето на идентитетот и традицијата и спортската сала да ги следи стандардите на ЕХФ, а беше побарана и гаранција во следните пет години натпреварите од СЕХА и Лигата на шампиони да се играат токму во Битола. Заклучоците на Советот ќе бидат испратени до Еурофарм Работник, а потоа Советот уште еднаш ќе расправа за конечниот договор за купопродажба, па конечно ќе заврши „шпанската серија“ за битолските клубови.