Еурофарм им се врати на победите – Металопластика без шанси во Битола

По триумфот над рускиот Спартак Москва, како и по двата врзани порази во Лигата на шампионите од Спортинг Лисабон и Савехоф, ракометарите на Еурофарм Работник се вратија на победничките патеки, откако во Битола славеа над Металопластика со 32-21.

Првото полувреме го одбележа голманот Никола Митревски, кој ги запре гостите во првите обиди, па тие постигнаа прв гол дури по десет минути и намалија на 4-1. Разлика во корист на „фармацевтите“ се движеше од четири до шест голови во продолжение, а по 12-8, кон крајот на полувремето, Еурофарм даде уште три гола за 15-8 на паузата.

Алушовски ја измеша поставата во вториот дел. Шанса добија Петровски, Ојлески, Чаневски, Кузманоски, но и покрај тоа разликата не само што беше одржана, туку беше и зголемена. Вуковиќ се обидуваше на секакви начини да ги мотивира своите избраници, но не му успеваше. До крајот „фармацевтите“  одработија само рутински за конечни 32-21.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Јотиќ со осум и Остроушко со пет голови, а голманот Митревски забележа 12 интервенции. Кај Металопластика, Матичиќ постигна четири погодоци. Следен предизвик за Еурофарм Работник ќе биде гостувањето кај шпанската Бидасоа Ирун в недела на пладне.