Екс-тренерот на Загреб со нов клуб: Каменица седнува на клупата на Војводина

Искусниот стратег, Касим Каменица кој 2017 година ја почна со Пелистер, а ја продолжи со Загреб најверојатно следната 2018 година ќе ја почне на клупата на Војводина.

Медиумите од Србија информираат дека веќе имало состанок, а останале само да се средат некои технички детали пред да го потпише договорот. Оттаму прашање е на време кога ќе биде официјалната промоција на Каменица за тренер на тимот кој настапува во СЕХА-лигата.

Каменица пред извесно време ја заврши соработката со ППД Загреб откако не ги исполни очекувањата во оваа сезона, па мораше кормилото на екипата да му го препушти на Златан Сарачевиќ. Тој не успеа да дојде до ниту една победа во Лигата на шампионите што беше причина клубот да ја раскине соработката со него.

Војводина е клуб кој е на пониско ниво од Загреб, па Каменица со своето искуство може да придонесе за развојот. Со него тимот од Нови Сад ќе има простор за напредок, па останува да се види како играчите ќе се снајдат со него и дали резултатите ќе бидат многу подобри од досега.