Екс-вардарките го поведоа ЦСМ Букурешт со победа над Ференцварош

Поранешните ракометарки на Вардар, кои сега се дел од екипата на ЦСМ Букурешт успеаја да стигнат до победа на стартот од новата сезона во Лигата на шампионите. Радичевиќ, Лекиќ, Цвијиќ и Лазовиќ со своите нови колешки дојдоа до победа над ФТЦ Раил Карго и на тој начин дојдоа до првите бодови.

Конечните 36:31 беа доказ за квалитетот на Романките во нападот, но јасно е дека одбраната на стартот од сезоната не е на највисоко ниво и ќе мора да се поработи на тој сегмент.

Најефикасна на средбата беше Неагу, со девет гола, а од екс-вардарките Лекиќ беше најпрецизна со пет погодоци. Цвијиќ и Радичевиќ реализираа по трипати, додека Лазовиќ остана без гол на стартот од новата сезона.

Другите средби од 1. коло во Лигата на шампионите во женска конкуренција се играат утре и задутре, а тогаш на терен е и двете македонски репрезентативки Ристовска и Саздовска, како и поранешните вардарки Лејно и Кузнецова.