Екипите на Цемс на подготовки во Ливадиште, а на контрола со стружани

Во новата сезона во Првата машка лига и во Женската лига ќе настапуваат екипи кои ќе имаат исто име „Цемс“. Овие екипи ќе дебитираат во првенството и ќе имаат тешка задача и секако предизвик со кој ќе треба да се соочат бидејќи ги очекуваат тешки средби.

300x250

Машката екипа е со ракометари кои се главно родени 2002 година. Има само тројца кои се повозрасни од нив, па за нив ова ќе биде големо искуство. Им претстои тешка сезона во која ќе имаат 14 средби до крајот на оваа година во Првата машка лига.

„Нашата екипа е претежно кадетски состав. Ракометарите покрај во Првата лига ќе играат и во кадетското првенство, па ќе имаме вкупно 22 средби во полусезона. Ќе биде долго првенство, но овие момци ќе имаат можност за напредок на ваквиот тип на натпревари“, вели за 24Ракомет тренерот на Цемс, Дарко Петровски.

Екипата од вчера е во кампот Ливадиште во Струга каде ќе има подготовки до недела. Денеска одигра две контролни средби. Првата беше со тимот на КЛ7 (38:24), а потоа и со комбиниран состав на Струга (28:27).

Покрај машката во Ливадиште е и женската екипа на Цемс. За разлика од машката екипа каде најголемиот дел од ракометарите дојдоа од тимот на Аеродром, женската екипа е нова и составена од ракометарки кои биле дел од неколку различни тимови. Кај нив тренер е поранешната репрезентативка на Македонија, Веселинка Треноска.

И женскиот тим ќе биде на подготовки во Ливадиште до недела, а контролна средба би требало да одигра против Стружанка в четврток, додека следниот четврток контролата ќе биде против тимот на Вардар.