Едно полувреме доволно за победа на Металург над Пелистер

Металург не знае за пораз и по шестото коло од Женската лига. Девојките на Јулијана Дамчевска во дербито го совладаа битолски Пелистер со 30:24. Едно полувреме беше доволно за домаќинките да ја обезбедат победата, откако во првиот дел водеа со 20:9.

Ракометарките од Автокоманда наметнаа силен ритам на натпреварот. Откако примија еден гол на самиот почеток, ја преземаа контролата на теренот и до крајот на првиот дел ги оставија своите противнички само на девет постигнати погодоци.

Во вториот дел гостинките сепак покажаа дека поседуваат квалитет, но се што сторија беше тоа што во неколку наврати намалија на минус четири. Сепак тоа не беше доволно за нешто повеќе на овој натпревар и мораа да се помират со поразот.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Гајиќ со осум и Калајџиевска со седум погодоци, додека кај битолчанки се истакна грузиската интернационалка Медеа Чокели со седум. Спартак Кисела Вода ќе биде противникот на Металург во наредното коло, додека Пелистер го очекува дуел со аутсајдерот Деспина на свој терен.

МЕТАЛУРГ – ПЕЛИСТЕР 30:24 (20:9).

Сала: „Автокоманда“. Гледачи: 120. Судии: Исмаил Металари и Ненад Николовски. Делегат: Марјан Начевски.

Металург: Илјаз, Софтовска, Гугуљанова, Кукунешевска, Ѓорѓиевска, Владева, Гулицоска 5, Смајлоска 3, Дамчевска, Калајџиевска 7, Граматова 2, Стефановска, Гајиќ 8, Брунчевиќ, Гичевска 5, Паскал.

Седмерци: 4/6, Исклучувања: 8 мин.

Пелистер: Дурланова, Николовска 4, Раиф, Каранфиловска 3, Чокели 7, Милосављевиќ, Глигорјадис 2, Каковска, Талевска 3, Кицеска, Филипоска, Апостоловска, Белевска, Јанкуловска 1, Божиновска 4.

Седмерци: 2/3, Исклучувања: 6 мин.