Европскиот шампион не го менува составот што победува

Екипата на Ѓер покажува дека силно работи на тоа да го задржи тимот кој носи успеси. Показател за ваквото нешто е новиот и подобрен договор кој го доби најдобриот лев бек во Европа за претходната сезона, Едуарда Аморим.

Бразилката скоро една деценија е носител на играта на унгарскиот состав, а  одличните партии кои ги прикажува го принудија раководството на тимот да и понуди нов двегодишен договор кој ќе има важност до крајот на јуни 2021.

Аморим му се приклучи на Ѓер пред девет години, а пред тоа прво европско искуство го имаше во Кометал Ѓорче Петров.

За овие девет години поминати во Ѓер, Бразилката успеа да освои се што може да се освои на тимски и индивидуален план, а како најзначајни титули се оние четири во Лигата на шампионите. Најдобра година за оваа ракометарка е 2013 во која беше избрана за најдобра ракометарка на Мундијалот кој го освои нејзината репрезентација.