Европскиот првак почнува да се засилува: Вардар носи „бомбардер“ од Русија (ВИДЕО)

После неколкуте вести за заминувања од Вардар конечно и информација за ангажирање на нови ракометари, а првиот којшто би требало да пристигне во редовите на европскиот шампион за следната сезона е левиот бек на Чеховски медведи, Дмитри Санталов.

Корпулентниот лев бек кој има 196 сантиметри и 87 килограми располага со одличен шут од далечина. Има 21 година и беше јуниорски репрезентативец на Русија на последното СП на кое Македонија го освои 6. место. Тој постигна 43 гола на тој шампионат и го сврте вниманието на себе.

Со игрите за Чеховски медведи во оваа сезона во Лигата на шампионите уште повеќе покажа дека се работи за голем талент кој може да израсне во еден од најдобрите леви бекови. Вардар ќе направи одличен потег со неговиот ангажман бидејќи ќе донесе играч кој ќе може заедно со Вуко Борозан да го торпедира голот од позицијата лев бек. Воедно ова ќе значи и олеснување на задачата на Борозан и за Кањелас кои се единствени леви бекови во овој состав на Вардар.

Засега нема прецизни информации околу неговото доаѓање во Вардар и договорот, но тоа сигурно ќе биде откриено во скоро време. Она што е сосема извесно е дека тој ќе биде првото засилување за сезоната 2017/2018, а сигурно ќе има уште неколку играчи кои ќе ги заземат местата на оние што си заминуваат што значи дека Вардар гради тим кој ќе остане меѓу најдобрите во Лигата на шампионите и во иднина.

Санталов сезонава постигна 55 гола во Лигата на шампионите и е меѓу поефикасните играчи, а ова значи дека доаѓа играч којшто има разорен удар од далечина. Дека е така можете да погледнете и од видеото коешто следува каде има избор од неговите најубави голови во дресот на Чеховски медведи.