Европскиот првак не запира со засилувања: И Хагман пристигнува во Букурешт

Актуелниот европски шампион, екипата на ЧСМ Букурешт, веќе почна да го комплетира ростерот што ќе ги бие битките во наредната натпреварувачка сезона. Натали Хагман ќе го засили ЧСМ, иако останува уште официјална промоција како нов играч на романскиот шампион. Хагман на Олимписките игри во Рио, беше прогласена за најкорисен играч, и ќе биде огромно засилување за тимот на Хеле Томсен.

25-годишната Хагман, која игра на позицијата десно крило, во моментов е член на данскиот Никобинг, и се претпоставува дека ќе биде последната аквизиција на Букурешт за наредната сезона. Хагман кариерата ја започна во тимот на Скуру, потоа 3 години ги бранеше боите на шведскиот Луги, пред да се пресели во Холстебро во Данска. Од тимот на Холстебро прејде во Никобинг, а следниот и најголемиот предизвик во нејзината кариера ќе биде актуелниот европски шампион. Хагман редовно игра и за репрезентацијата на Шведска, за која на 103 натпревари има постигнато 269 гола.

ЧСМ Букурешт по потпишувањето на Кристина Неагу, Марит Малм Фрафјорд и Аманда Куртовиќ, со Хагман само го кристализира  дрим-тимот кој се создава за наредната сезона.

Благоја Филиповски/Д.А.