Дуелот меѓу Фленсбург и Вардар прогласен за меч на неделата

Првиот четвртфинален натпревар од Лигата на шампионите меѓу Флензбург и Вардар од страна на ЕХФ е прогласен за меч на неделата. Ова значи дека истиот натпревар ќе се пренесува на ЕХФ ТВ со англиски коментар, и сите очи на ракометна Европа ќе бидат насочени кон оваа средба. Очекувањата се токму дуелите на Вардар и Флензбург да бидат неизвесни. Кој меч од реваншот, пак, ќе биде прогласен за меч на неделата ќе се знае по одигрување на првите натпревари.

„Битката меѓу Фленсбург и Вардар во четвртфиналето буди некои стари спомени од 2014 година, кога Фленсбург го победи Вардар благодарение на повеќето голови на гости. Мечот ветува дека ќе биде интересен, и двата тима се во одлична форма. По три години безуспешно обидување да се стигне до Ф4 турнирот, шансите за Вардар никогаш не биле толку реални како сега. Македонскиот тим се соочува со Флензбург, екипа која им донесе многу болка во 2014 година на нивниот пат до славата. Вардар можеби е мал фаворит, но Фленсбург го игра првиот натпревар дома, имаат се што им треба да победат и да си обезбедат шанса да стигнат во Келн, за последен пат, под водство на Љубомир Врањеш.“ – се вели во објаснувањето на ЕХФ во врска со одлуката оваа средба да биде одредена за меч на неделата.

Вардар како првопласиран во Б групата го прескокна осминафиналето, а Флензбург имаше два тешки и до крај неизвесни натпревари против Мешков. Средбата се игра на 22 април во 17:30 часот во Германија, а истиот ден, на 22 април се игра и мечот Веспрем – Монпелје. Следниот ден се другите две средби, Кил – Барселона и ПИК Сегед – ПСЖ.