Додека мажите се во битка: Женските селекции на Македонија, Словенија и Црна Гора заеднички на ЕП

Додека репрезентациите коишто учествуваат на Европското првенство полека го фаќаат потребниот ритам во Загреб денеска се промовираше отворњето на Словенечкиот центар и беше направено промовирање на Европското првенство во женска конкуренција кое се одржува во 2022 година.

300x250

На ова првенство коорганизатор е и Македонија, како и Црна Гора, а планирано е по една група од првиот круг да бидат организирани во Скопје и во Подгорица. Во Словенија натпреварите ќе се играат во Целје и во Љубљана.

„Имаше една идеја и која сакавме да ја реализираме. Таа беше заеднички со Словенија и со Црна Гора да организираме еден голем настап. Ракометот воопшто во Македонија е национален спорт број 1. Како федерација ги понудивме опциите за одржување на овие натпревари. Тоа е Арената Борис Трајковски која ги исполнува сите услови. Хотелските капацитети исто така се на високо ниво. Заеднички можеме да сработиме одличен спортски настан и ќе можеме заеднички да се промовираме во Европа“, изјави генералниот секретар на РФМ, Филип Милошевски.

Денеска во Загреб беше направена промоција на ова првенство. Она што е интересно е дека ривалите во групата Ц на Европското првенство каде што се Македонија, Словенија и Црна Гора, ќе бидат соработници во женска конкуренција во 2022 година. Доказ дека се знае разликата меѓу ривалството на теренот и спортското пријателство надвор од него.