Додека Вардар се пребројува, Ѓер се расфрла со пари

Додека женскиот Вардар ги брои последните месеци од функционирањето како сериозен европски клуб, европскиот шампион Ѓер, не жали пари и носи нови засилувања со кои посакува да ја задржи доминацијата во Лигата на шампионите.

Покрај потписот на Амандин Лејно, која од лето без оштета ќе се пресели во Унгарија, Ѓер ги обезбеди потписите и на норвешките интернационалки, бекот Вероника Кристијансен од данскиот Митјиланд и пикерот Кари Братсет од Вајперс Кристијансанд.

Токму за Кристијансен, европскиот шампион плати висока оштета. Таа неодамна го продолжи договорот со данскиот тим за три години, но тоа не го спречи Ѓер да се обидува и понатаму да ги добие нејзините услуги.

Раководството на унгарскиот тим се реши да плати оштета од 175 000 евра, што ја бараше данскиот Митјиланд и покажа дека силно ја посакува Кристијансен во своите редови. Таа ќе биде петтата Норвежанка во Ѓер, односно шестата скандинавка.

Во Ѓер веќе се голманката Кари Гримсбо, како и бековите Офтедал и Мерк, а кога на нив ќе се додадат Крстијансен и Братсет, тоа значи дека половина од норвешката репрезентација ќе игра заедно во ист клуб.