„Добрите девојки не играат ракомет, да преживееш во овој спорт треба да бидеш кучка!“

Сигурно повозрасните ракометни фанови и вљубеници во овој спорт се сеќаваат на Тања Логвин. Во времето кога австрискиот Хипо Банка жареше и палеше на европските терени, таа беше лидерот на овој тим. Често пати гостуваше во Скопје како ривал на Кометал Ѓорче Петров, не само со Хипо, туку и со словенечкиот Крим, каде одигра две сезони.

Логвин сега е тренер на германскиот тим Хале, а има и своја менаџерска агенција. Таа беше во центарот на вниманието изминатиот период поради скандалот на натпреварот од Бундес лигата меѓу нејзиниот Хале и Бад Вилдунген, кога сакаше да ја повлече екипата од теренот.

Хале остана само со две ракометарки во поле. Тимот веќе беше со три ракометарки помалку, кои згрешија во нападот, потоа направија фаул и добија четврто исклучување. Логвин збесна на клупата, продолжи со реакции кон судиската двојка и доби црвен картон, па мораше уште една ракометарка надвор. Сакаше да ја повлече екипата, но се смири, па мечот продолжи, а за чудо нејзиниот тим потоа реализираше со две ракометарки во поле.

„Колку што знам јас, во историјата на ракометот немало ваков случај. Според интернационалните правила, најмалку три играчи мора да има на теренот, освен ако не се случила тепачка. Во сите други случаи треба да има прекин. Јас им кажав и во ЕХФ за овој случај, бидејќи имавме ужасно судење и тоа беше шок за мене. Арбитрите правеа што сакаа, не знам од која причина. Ги немав видено претходно, не сакам ниту пак да ги видам во иднина. Има павило, доколку играчот лежи на терен пет секунди, судијата треба да повика медицинска помош. Мојата ракометарка Катерина Фанина беше на подот повеќе од минута и тие не направија ништо. Потоа таа заврши во болница. Добив црвен картон за првпат во животот и решив да ја повлечам екипата. Добив многу пораки од колеги, кои ми рекоа дека би го направиле истото во мојата ситуација. Јас се обидувам да ги научам моите ракометарки да бидат борци, да го имаат инстиктот на „убиец“, да научат да се изборат за своето место. Добрите девојки не играат ракомет, тие седат во клупа на универзитет. Треба да бидеш кучка за да успееш во ракометот. Тоа им го кажувам на моите девојки“, вели Логвин.

Една од најдобрите светски ракометарки, кој има украинско потекло, настапуваше за младинските репрезентации на Советскиот Сојуз, но потоа зема австриско државјанство и беше лидер на Хипо и на австрискиот национален тим.