Дисингер: Среќен сум што Вардар ми дава нова ракометна шанса!

Новото засилување на Вардар, Германецот Кристијан Дисингер, веќе се запозна со тимот во кој треба да остане најмалку две сезони. Неговите први реакции се дека со нетрпение очекува да заигра за Вардар и да се запознае со навивачите.

„По три години поминати во Кил, со сите подеми и падови, среќен сум што Вардар ми дава нова ракометна шанса. Кил има одлични фанови, но навивачите на Вардар се апсолутно број 1 во Европа. Јас навистина со нетрпение очекувам да ја запознаам оваа земја, народот, културата, големите навивачи и целиот тим на Вардар. Ќе дадам сè за клубот и се надевам дека можам барем малку да придонесам во успешна сезона“,  изјави Дисингер.

Тој нема да настапи на мечот со Келце, но ќе му биде на располагање на стратегот Роберто Гарсија Парондо за следните предизвици од СЕХА лигата и во Лигата на шампионите, по завршувањето на репрезентативната пауза за квалификациите за Европското првенство.

Дисингер потекнува од екипата на Фризенхајм каде играше до 2011, потоа беше дел од швајцарскиот Кадетен Шафхаузен две сезони, една сезона мина во Сиудад Реал, пред да се врати во Бундес лигата, каде ги носеше дресовите на Либек и Кил.  За екипата на Кил има одиграно 130 натпревари и постигнато 235 гола.