Димитриоски претпазлив: Да одиме чекор по чекор

Машката младинска репрезентација на Македонија од утре ја очекува настапот на Мундијалот во Алжир. Избраниците на Илија Темелковски одиграа два пријателски натпревари против Катар во пресрет на СП, а еден од најдобрите на тие дуели беше левото крило, кое по потреба игра и на среден бек, Димитар Димитриоски.

„На дуелите со Катар ги видовме нашите силни и слаби страни. Не ни беше важен резултат, најважно беше да се воиграме за предизвиците кои не чекаат на Мундијалот. Дадовме две добри партии и се тестиравме против слична репрезентација по стилот на игра на Тунис и Буркина Фасо.“ – вели Димитриоски.

Противниците веќе се скенирани, но Димитриоски не сака да се занимава со прогнози и математики и вели дека треба да се оди чекор по чекор.

„Дел од противниците веќе се скенирани, гледавме повеќе видео материјали, за дел од нив ќе се увериме како играат на лице место. Не сакам да се занимавам со прогнози и математики, успех е сепак што играме на овој Мундијал. Но, еве прва цел нека ни биде да ја поминеме групната фаза и да се пласираме во осминафиналето, а потоа се може да се случи.“ – заврши Димитриоски.

Македонија е во група со Русија, Тунис, Бразил, Шпанија и Буркина Фасо, а Мундијалот го почнува утре со дуел од 15 часот против „зборнаја“.