Димитар Димитриоски за 24 Ракомет: Собрани сме со една мисла, а таа е победа на ЕХФ-шампионатот

Младинската репрезентација ги финишира подготовките за престојниот ЕХФ шампионат на кој ќе го даде својот максимум за освојување на првото место. Во тимот моментално се 22 репрезентативци кои пред почетокот на дуелот против Велика Британија на 20 јули ќе се намалат на 16.

Еден од поискусните во составот и меѓу подобрите е Димитар Димитриоски, кој настапува на позициите лево крило, но знае да помогне и кога треба да се одигра на позицијата среден бек. Тој очекува сите репрезентативци да го дадат својот максимум, а не селекцијата да зависи само од неколку поединци.

„Речиси сите кои сме во овој состав имаме искуство кој од настапит во Супер лигата, кој од СЕХА-лигата. Дел од ракометарите имаат настапи и во Лигата на шампиони. Сепак, не може да се потпреме само на неколку ракометари. Ова е тимска игра и треба сите да го дадеме максимумот за да оствариме позитивен резултат“, изјавува за 24 Ракомет, Димитриоски.

Македонија е во група со Велика Британија, Швајцарија, Италија и Украина. Овој состав на играчи се има пресметувано со дел од овие репрезентации, но дел од нив и не им се познати на нашите јуниори. Нашата репрезентација се очекува да заврши прва во оваа група.

„Секако дека можеме да завршиме на првото место. Ако сме се собрале со мисла дека не можеме да го освоиме првото место тогаш зошто и тренираме. Со некои од селекциите имаме изиграно натпревари во Бугарија. Имаме играно со Швајцарија и со Украина, но вистина е дека и другите репрезентации работат и играат ракомет, па така не можеме никого да го потцениме, но целта е јасна, а тоа е освојување на ЕХФ-шампионатот“, заврши Димитриоски.

Репрезентативците на подготовките работат максимално ангажирано и полека одат кон достигнувањето на посакуваната форма. На пријателските средби против Црна Гора очекуваат да го усовршат сето она што го одработиле на тренинзите, па од 20 до 29 јули да го покажат најдоброто на теренот.