Дибирова пред ФТЦ: Да се запре триото Сучански, Пена и Ковачич

Ракометарките на Вардар утре го играат натпреварот од 5 коло во група Ц на Лигата на шампионите, како гостин против ФТЦ во Будимпешта. Тоа е дуел што ќе реши која екипа ќе биде прва на табелата и колку бодови ќе пренесе во следната фаза. Тренерот Ирина Дибирова вели дека противникот доволно е скениран и знае од каде доаѓа најголемата опасност, но вели дека повредената Андреа Лекиќ ќе недостига многу.

„Не очекува тежок меч. ФТЦ сега е во налет откако го победија во домашното првенство и тимот на Ѓер. Ние сигурно ќе бараме начин како да ги сопреме нивните најдобри ракометарки, Сучански, Ковачич и Пена. Подготвени сме, правевме добра анализа. Ќе ни недостасува многу Лекиќ. На тој меч во Скопје Лекиќ одигра многу добро. Ние ќе треба да играме концентрирано во текот на целиот меч.“ – изјави Дибирова.

Во моментов Вардар е лидер во Ц групата со 8 бодови од четири натпревари. Вардарки го имаат вториот најдобар напад во ЛШ со 124 постигнати голови, еден помалку од ФТЦ, а имаат и најдобра гол разлика во групата (+ 26 голови), и најдобрата одбрана (примени само 98 голови). „Црвено-црните“ се единствена екипа сезонава со максимален учинок во ЛШ.

ФТЦ и Вардар досега имаат одиграно три меѓусебни натпревари во Лигата на шампионите. На последниот одигран на почетокот на октомври во Скопје победија „црвено-црните” со 34:31. Во 2016 година овие ривали се сретнаа двапати, по ремито во Скопје на гостински терен триумфираше Вардар со 37:24. На дуел во Унгарија поради повреда не отпатува ниту Мирјета Бајрамовска. Мечот со ФТЦ е закажан за в сабота во 13:30 часот.