Дибирова: Ако поставуваш максимални задачи, тогаш нема голема разлика со кого и кога играш

Ракометарките на Вардар во четвртиот обид стигнаа до финалето на Лигата на шампионите и само нијанси го делеа од освојувањето на трофејот. Сега мислите се насочени кон новата сезона во која европскиот вицепрвак повторно е меѓу кандидатите за пласман на Ф4 турнирот. Во групата на вардарки, повторно ќе биде унгарски ФТЦ , како и Ларвик, и победникот од квалификациската група во која се Турингер, Хорс, Хипо и Атлетико Гуардес. Тренерот на вардарки, Ирина Дибирова сезонава ќе има неколку нови ракометарки што ќе треба да ги вклопи во играта: Драгана Цвијиќ, Јована Саздовска, Мирјета Бајрамовска и Полина Кузнецова.

„Противниците како и секогаш се силни, задоволни сме што уште во прва фаза можеме да видиме што и како функционира, и што треба да се подобри. Сите ни се добро познати противници и секогаш овие натпревари се одвиваат со интересна борба. Играме повторно со ФТЦ Будимпешта. Ова е добар тим, како и другите. Ако пред себе поставуваш максимални задачи, тогаш нема голема разлика со кого и кога играш, ова е следен чекор на патот кон успехот, секогаш не е лесно. Очекуваме дека оваа сезона ќе ни подари нови емоции, ќе ни донесе нови навивачи, и ќе ги натера сите да работат дупло повеќе, за да конечно ја достигнеме нашата цел.“ – изјави Дибирова.