Де Варгас скрши прст, Борко ќе ја брани Барселона од Кил

Тимот на Барселона, каде играат двајцата македонски интернационалци, Кире Лазаров и Борко Ристовски, е голем фаворит во двомечот со германскиот Кил од четвртфиналето на Лигата на шампионите. Ретка е шансата некој тим да се прогласи за изразит фаворит во однос на германски тим, посебно ако тоа е Кил, но „зебрите“ на овој меч ќе бидат ослабени за неиграњето на Домагој Дувњак, кој ќе оди на операција. Сепак и Барса не е без проблеми.

На двата дуели против Кил, нема да настапи условно првиот голман на каталонците, Гонзало Перез де Варгас, кој скрши прст на левата рака на тренинг. Тој беше опериран, но нема да биде подготвен за четвртфиналните дуели, па Ристовски ќе мора да го понесе товарот на голманската позиција. Покрај Ристовски, во комбинација ќе биде и младиот Жерар Форнс Галве, но тешко е за верување дека Чави Пасквал ќе му укаже шанса на дуелите со Кил.