Дејан Милосављев: Вака ќе играме до крајот на сезоната (ВИДЕО)

Голманот на Вардар, Дејан Милосављев со своите интервенции успеа да предизвика овации од публиката во СЦ „Јане Сандански“, па таа го извикуваше неговото презиме со што стана новиот миленик на фановите на „црвено-црните“.

Неколку месеци после заминувањето на Арпад Штербик тие имат нов миленик, па ова значи дека тој ќе биде голманот од кого ќе се очекуваат нови големи партии во Лигата на шампионите. Тој денеска немаше број на одбрани како Монпелје, но одбрани тешки удари кога беше најпотребно така што помогна многу во новата победа.

„Средбата против Монпелје ја заборавивме веднаш после враќањето од Франција и тргнавме да се подготвуваме за овој натпревар против Кристијанштад. Знаевме дека игра квалитетно и брзо има добра контра и полуконтра. Знаевме дека имаат брзи бекови и бевме одлично подготвени. Сакавме да докажеме на домашен терен дека сме вистински тим и екипа. Во соблекувалната добивме совети и сите ги исполнија задачите. Сите момци го дадоа максимумот и така ќе продолжиме до крајот на сезоната“, коментираше Милосављев.

Тој зборуваше и пред камерата на 24Ракомет ТВ и во продолжение можете да погледнете и слушнете што кажа во неговата изјава.