Дејан Манасков и Веспрем на четири фронта во новата сезона?

После една сезона во која Веспрем не беше дел од СЕХА-лигата годинава се очекува тимот од Унгарија да се врати во регионалното натпреварување и одново да има силни пресметки со Вардар, Мешков Брест, ППД Загреб… Сепак, и во новата сезона нема да има поштеда за ракометарите на вицешампионот на Унгарија.

Веспрем ќе игра и во домашното првенство каде нема да има можност за пауза, а ќе игра и во Купот на Унгарија. Покрај тоа ќе има и силна група во Лигата на шампионите, па останува и СЕХА-лигата за која се очекува официјализирање на екипите и бројката со која ќе се игра во новата сезона.

Доколку Веспрем биде дел од регионалното натпреварување тоа ќе биде четвртото натпреварување во кое Дејан Манасков и неговите колеги би требало да играат во новата сезона. Ова ќе биде напор плус, но во сезоната 2016/2017 кога го имаа истиот број на средби успеаја да освојат титули во Првенството и во Купот на Унгарија, а играа и на Ф4 турнирот во СЕХА-лигата и во Лигата на шампионите.

Во последната сезона останаа без трофејот во првенството, а не се пласираа ниту на Ф4 во Лигата на шампионите. Затоа може да се очекува во новата сезона по истиот рецепт како во 2016/2017 да се оди по трофеи во неколку натпреварувања. Oсобено ќе мораат да дадат голем напор против засилениот ПИК Сегед во првенството каде ќе треба да ја вратат круната.